Sunday, March 16, 2008

Проблемот на Грција со нашето име

Македонија повторно е жртва на негирања и опструкции од некои наши соседни земји. Преку процесот на негација на нашиот вековен идентитет, денес Грција го оспорува нашето суверено право да се нарекуваме со име за кое самите сме си одличиле, односно име кое ја изразува нашата национална посебност како народ. И зошто Грција го оспорува нашето име? Кои се нејзините мотиви за тоа? Дали ние сме реална закана за нивниот територијален и државен суверенитет, дали сме закана за нивната безбедност и сигурност? Секако дека не! Тука, како нивен мотив за негирањето на нашето име се вклучени политички причини, кои секако и се добро познати на јавноста. За тоа дека грчкиот проблем со нашето име Македонија е исклучиво политички, ќе пробаме да ги одмериме аргументите со кои Грција настапува пред меѓународната јавност, континуирано од нашето осамостојување како независна и суверена држава Македонија. Како прв, позначаен аргумент со кој се служеше Грција како оправдување за нејзините ирационални постапки е тоа дека Македонија претставува закана за безбедноста на Грција и регионот, бидејќи Македонија има територијални претензии кон северната Грчка истоимена покраина. Тука се поставува прашањето како е можно една новоформирана држава, територијално, финансиски и воено послаба од Грција, може да биде закана за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет? Поради економските блокади од страна на Грција, нашите политичари направија огромни отстапки, па дури срамни и понижувачки, да не речам и предавнички. Освен што се смени Уставот на Република Македонија, вметнивајќи амандман со кој се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон нејзините соседи и тоа дека границите на Република Македонија можат да се менуваат само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми, се отиде и до таму што се смени нашето државно знаме кое беше прифатено како македонски изворен, исконски и универзален симбол на секој Македонец каде и да се наоѓа во светот, а потоа се прифати и влез во ООН под една срамна и понижувачка кованица Поранешна Југословенска Република Македонија. И покрај, овие отстапки Македонија покажува доблест кон својот јужен сосед и дава особен напор да се изгради однос на взаемна и унапредена билатерална соработка меѓу двете држави, како и со остатокот од регионот, што за жал Грција не го цени. Каде е тука правдата и правото? Како е можно Грција, која е членка на Европската Унија и НАТО, кои постојат и се изградени исклучиво врз базата и принципите на меѓународното право, да може и да и биде дозволено фраглантно да ги крши меѓународните и општо прифатени норми? Во меѓународното право постојат општоприфатени начела, принципи и норми, кои државите отсекогаш ги почитуваат, а тоа се правото на суверенитет, внатрешното инхериорно право на државите, принципот дека сите држави меѓу себе во поглед на правата и обврските се еднакви, без оглед на територијалната големина, бројот на населението, економската состојба и слично, како и забраната на државите да се мешаат во внатрешните работи на други држави. Тогаш, зошто Грција која видливо ги крши овие норми се оправдува од некои европски држави. Во суштината на ова прашање лежи политика, политика на национализам, па дури и на прикриен фашизам во поглед на нашиот народ, кој сеуште неможе да ги заборави последиците што Грција ги превземаше интензивно по завршетокот на Втората Светска Војна и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, убивајќи и протерувајќи огромен број од македонскиот народ кој живееше на тие простори, процес кој започна и интензивно траеше од анектирањето на Егејскиот дел на Македонија во 1912 година и кој трае до ден денес. Но, јас верувам во истрајноста и непокорот на нашиот македонски народ и на нашите македонски патриоти, кои нема да дозволат целта која ја има нашиот јужен сосед да се оствари. Да живее МАКЕДОНИЈА!!!

No comments: